Единствениот Македонец кој има билки за сите болести

Пензионираниот учител од Кичево Бежо Трпески долги години се занимава со собирање лековити билки и во изминатите децении, благодарение на неговите чаеви, многу луѓе се излекувале и од потешки болести.

Вистински поттик за да собира лековити билки му дала мајка му, која, благодарение на чаевите што претходно самата ги правела, се излекувала од болест на бубрезите. Токму неговата мајка му препорачала кои билки ги користела за да прави чај за бубрези и тие совети како уште повеќе да му ја засилиле желбата и самиот да почне да собира лековити билки.

– Моето дружење со лековитите билки почна по информацијата што ми ја даде мојата мајка, која боледувала од бубрези и ми кажа кои билки ги користела за да прави чај, кој многу ѝ помогнал за да се чувствува здраво.

Ова корисно сознание се вкорени во мене и ме поттикна самиот да почнам да собирам лековити билки и да следам стручна литература, од каде што црпев и сѐ уште црпам информации кои билки за кои болести најмногу помагаат – се присетува Бежо, кој досега создал комбинации на чаеви за над 50 болести. Но не застанува тука, туку и понатаму истражува и создава нови и нови мешавини, кои очекува да им помогнат на многу луѓе што му се обраќаат за совет и помош.

Како што одминуваа годините така добивав сѐ повеќе сознанија за билкарството и за која болест какви билки се потребни, како изгледаат и каде можат да се најдат. И така во летните месеци, кога цвета целата природа, постојано сум низ планините во западна Македонија, од Бистра, Стогово, Турла и Копачијата, моето село Иванчишта, и крстосувам по сите планини и ридови во блиското опкружување. Никогаш не собирам билки крај патиштата и од загадени територии, така што сите мои билки гарантирано се собрани од најчистите делови од земјата од недопрена природа – додава познатиот кичевски билкар.

Тој секоја сабота е присутен на зелениот пазар, каде што редовно ги нуди своите чаеви, но и им дели совети на граѓани кои имаат здравствени проблеми.
– Задоволен сум што моите купувачи се благодарни на моите чаеви и што или ја излекувале својата болест или ја држат под контрола. Често се случува мои поранешни купувачи да ми носат нивни пријатели и роднини, за и тие да се снабдат со чај за својата болест. Впрочем и јас сум жив пример дека користејќи го чајот за простата, повеќе немам никакви проблеми.

На сите луѓе би им препорачал дека за секоја болест постои лековита билка и дека здравјето е во природата. На крајот да потсетам дека луѓето најмногу мешавини бараат за дијабетес, стомачни проблеми, чир и гастритис, ревма, болест на простатата, но и многу други, кои им создаваат одредени проблеми – заврши Бежо, со надеж дека уште на многу луѓе ќе им помогне за да ја излекуваат својата болест и многу посреќни и повесели да чекорат низ животот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде