Трагите за можниот нарачател на неуспешната ликвидација на контроверзниот Раде Трајковски-Штекли во трговскиот центар „Ист Гејт“ водат кон затворот „Идризово“,
па упадот на специјалците во затворот викендов не бил само наивен претрес за заплена на нелегални предмети, туку главната цел била да им се одземат мобилните телефони на неколкумина затвореници кои наводно имаат врска со пукањето, објави телевизија Алфа, повикувајќи се на високи извори.
Како што објави телевизијата, надлежните наводно знаеле дека овие затвореници поседуваат мобилни телефони и подолго време биле прислушувани со судска наредба.
– Рацијата не беше против начинот на кој се внесува дрога и оружје внатре во затворот. Тоа е поради пукањето во „Ист Гејт“. Ставени се одредени осуденици на ПИМ мерки подолго време.Телефоните беа потребни да се вештачат, конечно да се расветли кој нарачува убиства и опожарување на возила – брифира изворот за Алфа.
Како што е познато, во Идризово зад решетки се веќе дел од членовите на озогласените нарко-кланови од Сарај и од Грчец, како и нивната ривалска група од Чаир, Синѓелиќ и од Арачиново.
Инцидентот во „Ист Гејт“ се случи токму пред една недела, на 24 октомври, а пукањето се одвиваше на ниво „минус 1“ на паркингот.
Раде Трајковски-Штекли, се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.
Штекли беше уапсен во Грција во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.