Многу важно химната да ја рефлектира реалноста во државата, односно да не се однесува само на Македонците, туку и на останатите етникуми, изјави вчера за ТВ Сител Билал Касами, претседател на Движењето Беса.
Тој е дециден дека во ниту еден случај не злоупотребува етнички чувства на своите сограѓани за да добие, како што рече, глас повеќе.
„Но, верувам и тоа е реалноста. Сѐ додека химната на државата ги повикува Македонците како етникум и се однесува на нив, Албанците не може да се чувствуваат комотно и тоа не го кажувам прв пат. За Албанците да ја чувствуваат химната како своја, мора да бидат дел од неа.
Не сме против тоа што химната се однесува на Македонците, туку би требало да се однесува и на Албанците. Ние бараме не само химната, туку сите симболи на државата да ја рефлектираат реалноста.
Знамето е класичен пример, иако според мене е неутрално во однос на етникумите, но поради процесот како беше донесено, наметнато во преговорите со Грција, има отпор кај другите етникуми за негово користење како државно. Ако сите треба да ги почитуваме симболите, тогаш државата треба да ги почитува своите граѓани и да го рефлектира мултиетничкиот карактер.
Ова сум го кажал јавно како опозиција, но утре кога би бил дел од некоја комбинација, би сакал да седнеме и сериозно да разговараме за овие ситуации полека, јавно и искрено, без позадина, за сите етнички заедници државата да ја чувствуваат како своја и да придонесат за неа“.
Како што напомена Касами, сѐ додека химната се однесува на Македонците како етничка заедница, а не на граѓаните, Албанците, Турците, ние ќе се повикуваме на нашата етничка химна.
„Сакам тоа да е решено со закон. Има две можности: или државната химна и другите симболи да ја рефлетираат реалноста или, ако се интонира химната која Македонците ја чувствуваат како своја, тогаш во општините каде мнозинство се Албанците, да се инторнира химна која Албанците ја чувствуават како своја“, рече Касами.
