Груевски ги разби лагите на Бугарите: Oва се доказите!

ОКУПАЦИЈА ИЛИ АДМИНИСТРАЦИЈА имало на 19 април 1941 година? Преку дневникот на Богдан Филов – Премиерот на Бугарија во април 1941 година разјаснување според запишаното од него

Во последните години многу се зборува и се политизира прашањето на темата дали во втората светска војна Бугарија била окупатор или администратор во Македонија. Помислив како би можело тоа да се утврди a да е непобитно и мерливо?

Од овие причини го нарачав дневникот на Премиерот на Бугарија во тоа време Богдан Филов (1883-1945) кој секој ден си запишувал во тетратка што се случувало и што се разговарало во клучниот месец април 1941 година и се фокусирав на тој месец кога е најактуелно прашањето за Македонија. Богдан Филов кој студирал во Бон, Париз и Рим, бил премиер (16 фебруари 1940 – 9 септември 1943) како независен и како близок на царот Симеон. Бил археолог, историчар на уметноста, директор на националниот музеј, истражувач, универзитетски професор, академик и претседател на академијата на науките пред да стане премиер. Осуден е на смрт и стрелан во 1945 година од новата комунистичка власт.

При читањето на неговиот дневник прв пат објавен во 1986 година утврдив дека меѓу 8. април и 24 април во својот дневник Премиерот на Бугарија 9 пати го употребил зборот ОКУПАЦИЈА во различни форми на зборот.

7 пати го употребил зборот ВЛЕЗ (во Македонија), мислејќи на влез на воени трупи што некаде е и нагласено дека е токму тоа, што е синоним на окупација. 3 пати го употребил зборот ОСЛОБОДУВАЊЕ (на Македнија).

Исто така утврдив според неговиот дневник дека “ослободување” го користеле само во разговорите со Германија кога барале поголем дел од територијата во западна Македонија повикувајки се на границите на санстефанска Бугарија која останала само на хартија, додека во разговорите помеѓу нив го користеле зборот “окупација” и зборот “влез” на воени трупи.

Некаде се користи воена терминологија како на пример ИСПРАЌАЊЕ НА ТРИ ДИВОЗИИ во Македонија” а испраќање дивизии војска е воена интервенција за окупирање, а не за администрирање.

Дури и вокабуларот на германските преставници кон бугарските колеги е “окупирање”.

Во еден момент се поставува прашањето дали со окупирањето ќе биде овозможено и администрирање и тоа било некое време нерешено прашање. Во еден дел велат: “Германците дозволуваат само наша воена окупација, но прават пречки за цивилната власт; не сметат сеуште за гости”.

Во продолжение повеќе извадоци како цитати од дневникот за оние што се заинтересирани да прочитаат, со своите очи да се уверат и да проучат повеќе како тогаш размислувале бугарските политичари за окупацијата на Македонија и што во својата тетратка си запишувал премиерот во април 1941 година по ова прашање.

Од текстот се гледа дека во првите денови бугарскиот државен врв многу стравувал да се каже вистинскиот збор “окупација” за да не има некоја реакција од ним соседната Турција па договарале тоа да се прикаже како “одржување на редот и мирот на територијата окупирана од Германците”, но по кратко време тој страв се анулира и се враќаат на претходната терминологија.

Еве ги извадоците од кои мислам дека ако некои луѓе сеуште имале дилеми, прашањето дали Бугарија ја окупирала или администрирала Македонија се затвора со овој доказ. Впрочем и многу историчари во Бугарија се на исто мислење кое кавно го имаат искажувано во телевизиски емиси, дека Бугарија ја окупирала Македонија, односно дека по сите основи станува збор за окупација. Клучните зборови “окупација”, “Влез” и “ослободување” во текстот подолу напишани се со големи букви заради фокусот на темата, инаку во оргиналот не се напишани со големи букви. Текстот во заградите се мои дообјаснувања за читателот.
*****
Извадоци од дневникот на Премиерот Богдан Филов :

7. IV. понеделник. Добиени се првите информации за успешното напредување на Германците во Македонија. Заземени се Струмица и Куманово…

8.IV вторник…Од Драганов (бугарски амбасадор во Берлин) е добиена телеграма дека Рибентроп (министер за надворешни работи на Германија) му рекол веднаш да замине за Софија и тука да ја пренесе желбата на Фирерот ТРИ БУГАРСКИ ДИВИЗИИ да ја ОКУПИРААТ српска Македонија и да ја преземат администрацијата за да бидат ослободени германските војници. Оваа вечер Германците стигнале до Солун. Утрово е помината клисурата Рупел. По состанокот на комората имало совет во военото министерство (Министерството за одбрана).

9. IV. среда. Во 9 1/2 часот ми повика царот во врска со телеграмата на Драганов. Тој е на мислење дека треба да ја прифатиме понудата, но не за „окупација“, туку за „да се одржува редот и мирот на териториите окупирани од Германците“. Сепак, да укажеме на опасноста од Турција која во таков случај би се зголемила. Предложив да не го чекаме враќањето на Драганов, туку утрово да му се јавам на Рибентроп и да му кажам дека принципиелно прифаќаме. На овој начин ќе покажеме поголема добра волја и подготвеност со директно прифаќање без да се чека презентацијата на Драганов. Царот многу го одобри овој предлог и ме задолжи веднаш да разговарам со Попов (министер за надворешни работи на Бугарија) и со генералот. Навестив и за можна воена конвенција, но тој не го одобри тоа. Веднаш ги повикав Попов и генералот. Попов е одлучно против германскиот предлог, генералот се радува, но дефинитивно да бараме оклопна дивизија против Турција. Употебив повеќе од еден час да ги убедам, но и двајцата не попуштија барајќи да не брзаме, туку да го чекаме доаѓањето на Драганов. Попов повторно проговори за оставка и жали што претходно не инсистирал. Тој призна дека не верува во германска победа; ме обвинуваше дека сум оптимист и дека затоа сум бил спокоен, а тој постојано се малел со мислата дека се ќе заврши лошо…

…Попладне во комората Серафимов ми пријави дека биле со List во Чамкорија, каде што ги задржале и на ручек. List очигледно бил премногу трогнат од честитките. Вечерта дојде во комората и Попов. Сега се смири и рече дека откако добро размислил, се уверил дека сум во право и дека навистина треба да побрзаме да ја ОКУПИРАМЕ Македонија, особено со оглед на тоа што подоцна може да имаме непријатни односи со Италијанците. По вечерата генералот дојде во куќата во врска со законот за војници од фронтот и некои други работи. И тој сега целосно ја одобрува мојата акција, веќе го разгледа планот за ИСПРАЌАЊЕ НА ТРИТЕ ДЕВИЗИИ во Македонија; има намера за командант да го предложи генералот Михов, кого го сметаше и за свој можен заменик за министер;…

10.IV…Севов дојде да ми ги донесе последните телеграми. Тој смета дека сега морам да влезам во мојата улога како претседател и да му го наметнам на генералот она што е неопходно од политичка гледна точка. Потоа отидов кај Попов, чие расположение е целосно подобрено. Со него решивме, бидејќи Драганов уште го нема, добро е генералот да оди кај List и да разговара со него околу ОКУПАЦИЈАТА на Македонија. Го повикавме генералот да се консултира; тој спремно прифати и остана да ја добие согласностаа на царот…

…Од Берлин пристигна телеграма во која ни се заблагодарува што се согласивме да ја ОКУПИРАМЕ Македонија, но деталите ќе се договорат директно помеѓу Врховната воена команда и нашата воена команда…

11.IV…Почнав да се грижам дека прашањето за нашиот ВЛЕЗ во Македонија сè уште не е решено; Се плашам Германците да не се поколебале и се прашувам да не беше подобро, и покрај турската опасност и противењето на Попов и генералот, уште од почеток да го прифатиме предлогот на Braichitsch (врховен командант на германската армија за време на Втората светска војна) за наш ВЛЕЗ во Македонија. На крајот на краиштата, и Ritchhofen и Bruckmann тогаш беа според нас, а bon Pappen (амбасадор на Германија во Турција) телеграфираше во Берлин, и покрај неговиот оптимизам да биде многу внимателен со Турците…

12. IV. сабота. Пред пладне во Министерството. Попладне кај царот во 4 1/2 да го сослушане Драганов, кој штотуку се вратил од Берлин. По државниот удар во Белград, Хитлер му се јавил само неколку минути, велејќи му дека сега му олеснало; сега и македонското прашање би можело да се реши во наша полза; ова, сепак, тој треба да го соопшти само на царот. На 8. IV. Рибентроп го повикал и му предложил да ја ОКУПИРАМЕ ние со ТРИ ДИВИЗИИ српска Македонија. Прашав дали е експлицитно кажано дека ќе ја преземеме администрацијата. Тој одговори дека не, иако во неговата телеграма пишуваше дека се однесува и на администрацијата. На Драганов му кажавме дека сето ова е веќе договорено и му ја покажавме картата каде ќе бидат распределени дивизиите. Од 6 до 11 часот седница на влада.

15.IV. …Во 12 1/2 List дојде да се збогуваме. Му честитав на славните победи. Тој се заблагодари за извонредниот прием. Зборував за нашиот ВЛЕЗ во Македонија. Тој е целосно договорен и телеграфски му го кажал на фирерот. Вчера тука беше и Brauchitsch, со кого разговаравме за истите прашања. Инсистирав да се забрза нашиот ВЛЕЗ не само за да се увери населението кое е малтретирано од четите, туку и да се заврши ОСЛОБОДУВАЊЕТО на Бугарија. Укажав дека за оваа работа работиме 60 години, дека цела Бугарија е ослободена од Русите, но потоа дел им е вратен на Турците и дека сега се завршува нашето ОСЛОБОДУВАЊЕ; тоа ќе биде најголемиот историски настан во нашиот животен век. Се чини дека тоа му остави впечаток, бидејќи ми рече дека ако денес не добие одговор од Хитлер, повторно ќе го телеграфира со аргументите што му го посочив…

…Потоа отидов кај царот, на кого му пријавив сè и го замолив веднаш да побара средба со Хитлер. Тој одобри, но беше многу нервозен како и секогаш кога ненадејно ќе му се предложи нешто важно и рече дека ќе размисли за тоа по интимната вечера што ја дава List. Впрочем, денес е вторник и затоа не треба да се очекуваат никакви активности. Тој се согласи на брзо прекинување на односите со Југославија, како што јас предложив…

…Попладнето царот ме извести дека List се согласил да го испрати професорот Јаранов во Солун како врска за македонските работи. Ги повикав Н. Стојанов и Јаранов да разговараат за македонските прашања и ги информирав за мисијата на Јаранов. Ја истакнав големата беља на автономистичките тенденции во некои од македонските кругови. Тогаш примив делегација од Сојузот на резервната армија која сакаше да се ориентира кон ОКУПАЦИЈАТА на Македонија. Прашаа дали има потреба да се преземе акција за Моравија. Им реков дека засега не треба да се избрзува и дека претпочитаме да се занимаваме со прашањата едно по едно. Ако се појави потреба, ќе им кажеме. Потоа дошол Попов, кој веќе ја испратил нотата до Југословените…

18. IV. петок. Утрото царот ме извести дека преку Рихтофен е добиена порака за средбата со Хитлер, која ќе се одржи утре во седиштето кај Виена (Wiener Neustadt). Во 11 часот, Попов и јас отидовме кај царот за да договориме детали за состанокот. … имаше голема потреба да се исчисти армијата, што сега кога војната заврши лесно можеше да се направи доколку владата му ја даде потребната помош. Заедно со пораката за средбата со Хитлер, имаше и порака дека сега можеме да ВЛЕЗЕМЕ во Тракија (без најисточниот дел до Дедеагач) и Македонија до Вардар. Фала му на Бога, бидејќи во последно време премногу се грижиме за постојаното одложување на оваа работа. Решивме ВЛЕЗОТ да се случи утре, а брз дел беше испратен во Скопје со архимандрит Стефан, за во недела на Велигден да се богослужат на бугарски јазик…

19. IV. сабота. Утрово во 9 часот го испративме Царот од аеродромот во Враждебна кај Хитлер. И кога замина, повторно беше многу нервозен. Со Попов ги подготвивме телеграмите до Хитлер, Мусолини, Рибентроп и Чано (Ciano- министер за надворешни работи на Италија) по повод ВЛЕГУВАЊЕТО на нашите трупи во Тракија и Македонија, што се случува денес…Повторно се шират алармантни гласини за некои отстапки за Турција. На тој начин се труе душата на народот, наместо да се остави мирно да ужива во големите настани на денешницата. …Решивме да ја признаеме новата хрватска држава.

20. IV. недела. Во 5 1/2 часот наутро со Кита отидовме во црква, кога се служеше богослужбата за Воскресението Христово. Во 12 часот отидовме на аеродромот во Враждебна да го пречекаме царот, но пристигнувањето доцни 2 часа кога повторно отидовме. Царот се врати од средбата со Хитлер презадоволен. Во 6 часот отидовме четворицата кај него во Врана. Тој бил примен од Хитлер многу љубезно; Таму бил и фон Папен. Царот се заблагодарил пред се за ОСЛОБОДУВАЊЕТО на бугарските земји. Потоа, како и обично, разговорот се превзема од Хитлер. Прво разговарале за Југославија. Хитлер бил многу огорчен за сето тоа што се случило таму…

…Се разговараше и за прашањето за Охрид. Фирерот му рекол на Рибентроп да го има на ум ова за време на разговорите со Сiano, кои требало да се одржат следниот ден. Нема да има мака за Пирот и Врање. Наклонети се да ни дадат две рударски области, едната кај Врање? (беше вклучен и во Сан Стефанска Бугарија), другиот југоисточно од Шар (не се сеќавам на имињата). Разговорите продолжиле попладнето, кога царот детално ги покажал подготвените карти. Тие биле премногу заинтересирани за нив и ги задржале. Генерално, средбата може да се означи како премногу поволна. Вечерта Рибентроп го покани царот на вечера во „Drei Husaren“. Особено поволен беше фактот што царот беше кај Хитлер пред Ciano, кој ќе имале состанок следниот ден, бидејќи се чинеше дека Италијанците ќе имаат претензии за дел од Македонија. И покрај преземените мерки, веста за посетата на царот се рашири нашироко низ Софија. Поради оваа причина, решивме да ja објавиме официјално.

22. IV. Вторник. Пред ручек во министерството. Попладневниот совет во Военото министерство. Пред тоа, на аудиенција кај кралот. Разговаравме за ОКУПАЦИЈАТА на Тракија и Македонија.

23. IV. среда. Оваа вечер пристигна Clodius (германски дипломат и преговарач на договорот на Германија со Турци)и веднаш беше примен од царот од 6 1/2 до 8 1/2. После тоа беше кај Попов. Донесоа смирувачки известувања; испратени намерно од Рибентроп во политичка мисија. Би биле земени предвид нашите тврдења, и за западна Македонија, би можеле да спиеме мирно. Изнесе голем број барања од економска природа, главно за концесии на рудници во земјиштата што ги добиваме источно од Шар; сакаат олеснување на железницата во Македонија и ние да ја преземеме исплатата на Kreditkassenscheine издадена на териториите што ни се отстапени; исто така да го преземе релевантниот дел од државниот долг на Југославија кон Германија. Сметаме дека барањата се прифатливи. Изгледа дека Клодиус бил лично заинтересиран за рударските претпријатија. Во 10 1/2 навечер отидовме со Попов кај царот. Во истата смисла му зборувал и Сlodius, фокусирајќи се повеќе на северната и северозападната граница на Македонија. Меѓутоа, царот не ни го кажа детално долгиот разговор што го имале. Тој само навести дека Clodius бил вмешан во некои гешефти околу рудниците. Изгледа дека разговорот повеќе се вртел околу нив. Царот премногу се загрижи да не ги изгубиме Дебер и Тетово. Му кажавме дека нема да биде голема загуба и дека би можеле да бидеме презадоволни ако го добиеме остатокот. Ситуацијата е следна: Фирерот сè уште немаше донесено одлука за Солун; и за грчка Македонија. Српска Македонија до Шар и Качаник со Врањe и Пирот ќе биде наша; Во Тракија источно од линијата Свиленград-Дедеагач, веројатно ќе се направат отстапки на Турците. Го погледнавме и денешното писмо од Јаранов; Германците дозволуваат само наша воена ОКУПАЦИЈА, но прават пречки за цивилната власт; не сметат сеуште за гости. Царот инсистираше да се преземат мерки за итно обновување на тесниот колосек Кулата-Демир Хисар (ова се случи, инаку, при вчерашната аудиенција).

24. IV. четврток. Ја свикав владата во 9 1/2 да ги одобри предлозите на Clodius, со што сите се согласија. Се разговараше за пречките од Германците во однос на админситрацијата на ОКУПИРАНИТЕ земји, но се договоривме дека ќе треба да ги земеме предвид нивните барања до конечното решавање на граничното прашање…

2. V. петок. Утрото имавме конференција со Михов и регионалниот директор Козаров (скопски областен директор на бугарската власт). Потоа го посетивме генералот Lindemann (германско воено лице), кој ни ја соопшти добрата вест дека утре Германците ќе ги заменат Италијанците во Охрид; со ова ни се подготвува предавање на градот. Линдеман знае за лошото однесување на Италијанците и не ги сака…

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде