СЗО изрази загриженост поради зголемувањето на бројот на заболени од респираторни заболувања во Кина и апелира до населението да преземе заштитни мерки.
„СЗО испрати официјално барање до Кина за детаљни информации за зголемувањето на респираторните заболувања и местата на појава на пневмонија кај децата“, се вели во соопштението на организацијата објавено на социјалната мрежа Х.
СЗО препорачува да се преземат чекори за намалување на ризикот од респираторни заболувања.
Независните кинески медиуми објавија дека детските болници во делови од земјата наводно се полни со болни деца. Кинеските власти го припишуваат наглото зголемување на болестите слични на грип на укинувањето на мерките против коронавирусот, објави Би-би-си.
Во северна Кина забележано е зголемување на случаите со симптоми слични на грип од октомври во споредба со истиот период во изминатите три години.
Кинеските власти минатата недела рекоа дека има зголемување на респираторните заболувања во целата земја, особено грип, коронавирус, микоплазма пневмонија, честа бактериска инфекција, што ги погодува малите деца и респираторниот синцијален вирус (РСВ).
Медиумите потсетуваат дека коронавирусот кој предизвика светска пандемија, барем официјално, дојде од Кина, односно од пазарот во Вухан. И покрај официјалните тврдења дека Ковид-19 е предизвикан од појава на инфекција на тој пазар, постојат и многубројни аргументи дека вирусот излегол од тамошната лабораторија.
И покрај постојаните повици од СЗО, Кина никогаш не доставила целосен извештај за потеклото на коронавирусот, кој однесе илјадници животи за време на пандемијата.