Артан Груби на својот профил на Фејсбук објави видео од својот партиски лидер Али Ахмети на кое тој пее албанска народна песна, во придружба на музичари со традиционални инструменти.
– Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја пишуваат историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат!Али Ахмети со сè што е свето за албанството, на неговиот грб, денеска полни 65 години, напиша на Фејсбук, Груби за својот партиски шеф Али Ахмети.
Али Ахмети е роден на 4 јануари 1959 година во кичевското село Зајас, Република Македонија. Завршил гимназија во Кичево, а потоа и Филозофски факултет на Универзитетот во Приштина, каде што дипломирал во 1983 година.
Таму организирал студентски протести и бил апсен и осуден на едногодишна затворска казна. Во 1986 година добил политички азил во Швајцарија, каде што живеел до 2001 година и дејствувал како координатор на различни групи на албанската дијаспора.
Во 2001 година Ахмети е избран за врховен командант и политички претставник на УЧК (ОВК) во Македонија. По Охридскиот договор потпишан во август 2001 и распуштањето на УЧК, Ахмети ја основа партијата Демократската унија за интеграција и станува нејзин претседател.
Од септември 2002 година ДУИ победува на избори, Ахмети е избран за пратеник, а оттогаш, со мали прекини, оваа партија е коалициски партнер на сите досегашни влади.