ДУИ донесе одлука за заеднички настап со СДСМ на изборите? Груби: Ќе победиме убедливо!

Aнкетите велат дека европскиот фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците и други политички партии се победници на изборите на 8 мај годинава и тоа убедливо, изјави синоќа првиот вицепремиер и функционер на ДУИ Артан Груби.

Во интервју за емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 одговарајќи на прашањето како ќе настапат на претстојните избори Груби рече дека тие разгледуваат анкети и најдобрите можности.

Според него, сите опции се отворени и за парламентарните и за претседателските избори.

За тоа дали ДУИ ќе оди на избори со СДСМ вели дека се водат разговори меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.

Груби рече дека се отворени опциите и за заеднички фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците, но и ДУИ-Алијанса-ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи, а се разгледува и можноста ДУИ сама да излезе на изборите.

Тој беше без конкретен одговор која е најблиската опција за ДУИ, велејќи дека најблиската можност е да победи европска коалиција.

Груби рече дека ДУИ има црвени линии и нема да коалицира со партија која нема да поддржи „европска Македонија, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, Охридскиот договор и признавањето на Косово“.

-Преку тоа не можеме да преминеме. Сметам дека тешко ќе се најде некоја албанска политичка партија која ќе послужи на руско сценарио во Македонија, рече вицепремиерот Груби.

За тоа дали и кој претседателски кандидат ќе го поддржат, вели дека тоа зависи од односот на партиите на политичката сцена.

За актуелниот претседател Стево Пендаровски, Груби рече дека тоа веќе го направиле на претходните избори и немаат никаква резерва кон него за кандидат, но за тој да биде консензуален не зависи само од ДУИ туку и од СДСМ и од Алијанса за Албанците и од другите политички партии.

ДУИ, cпоред него, не се плаши од поддршката на партијата на Албин Курти кон опозициските партии на Албанците, велејќи дека тие трет пат учествуваат на избори кај нас.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде