Првиот ден откако беше објавен јавниот повик на Министерството за економија за субвенционирање на инвертер клими,
пристигнале над 500 барања до архивата од граѓани кои лично ги поднеле апликациите, а бројката е поголема со оглед на тоа дека граѓаните од другите градови своите барања ги испраќаат по пошта.
Утрово пред министерството имаше редица од стотина граѓани кои чекаа да ги поднесат барањата за да добијат ваучер од 23.000 за купување на клими инвертери.
Ваучерите ќе се добиваат преку пошта откако ќе заврши повикот и ќе бидат разгледани барањата. Распишан е и јавен оглас за избор на фирми од каде што граѓаните ќе може да набавуваат клими.
За да се добие ваучер, критериуми е подносителот во изминатите три години да не користел субвенции за инвертер клими, да нема приклучок на централното градско парно и уредот да биде вграден во текот на 2024 година односно најдоцна до 30 ноември.
Ваучерите ќе се делат по принципот прв дојден-прв услужен.
Министерството за економија ја објави програмата за субвенционирање за енергетска ефикасност на домаќинствата која годинава е проширена и за неа се издвоени повеќе од четири милиони евра.
