Четири бебиња починаа во Белград поради голема кашлица. Се зголемува бројот на заболени и кај децата и кај возрасните, а сите во Србија си го поставуваат прашањето – „Дали и јас да се вакцинирам?“.
Според податоците на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, најчести случаи на голема кашлица (пертусис) се децата на возраст од 10 до 14 и од 15 до 19 години, а се повеќе има и возрасни со симптоми на оваа смртоносна болест.
Според последните податоци, во моментов во Србија има 70 заболени деца од оваа опасна респираторна инфекција, а речиси половина од нив се хоспитализирани.
Епидемиолозите предупредуваат дека вакцинацијата е неопходна на секои 10 години. Но кај нашиот северен сосед не се одобрени вакцини за сите постари од шест години, иако болеста зеде замав.
Јавноста во Србија беше шокирана од веста за смртта на четири бебиња во Институтот за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“, која настанала како последица од заболување со голема кашлица.
Според соопштението на Министерството за здравство и Институтот „Батут“, децата биле помали од три месеци, што значи дека не ја примиле ниту првата доза од вакцината ДТП, пишува Мондо.
Во извештаите на „Батут“ се наведува дека најголем број заболени деца има кај децата од основно училиште и постари, а од нивната последна или поточно втора ревакцинација поминале повеќе од 10 години.
Овие податоци упатуваат на фактот дека вакцинацијата е неопходна за постарите деца, но и за возрасните, како и за граѓаните кои се над 65 години и спаѓаат во ризичната група.
