Важна информација: Овие гранични премини денеска ќе бидат затворени на неколку часа

Грчките земјоделци од северниот и северозападниот дел на Грција, денеска, на неколку часа ќе ги затворат граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

На Евзони ќе се одржи земјоделски собир што ќе започне околу 13-13.30 по грчко, односно 12-12.30 часот по македонско време и во периодот додека трае протестот се очекува да биде блокиран сообраќајот на граничниот премин на неколку часа.

Граничниот премин Ники, според локалните медиуми, ќе биде затворен во периодот од 12 до 16 часот по грчко, односно од 11 до 15 часот по македонско време.

Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската Унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.

Во изминатите денови, по големиот протест во вторникот во Атина, кога земјоделците одлучија дека секој блок посебно ќе ги одреди своите чекори, оние од северна Грција остануваат најактивни и секојдневно во периодот меѓу 20 и 22 часот по локално, односно меѓу 19 и 21 часот по македонско време периодично го затвораат граничниот премин Евзони (Богородица), како што беше случај и вчера.

Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин, во разговор со дописничката на МИА од Атина вчера рече дека на Евзони се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни и објасни дека за денеска е планиран „голем земјоделски собир на граничниот премин“, што според него ќе започне околу 13-13.30 часот и ќе заврши во зависност од тоа колку говори ќе има, „но сигурно ќе трае два-три часа“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде