Се очекува намалување на цените на храната, изгласан законот за забрана на нефер трговски практики
Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната седница го изгласа законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.
Со законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.
Првпат во државата се носи вакво законско решение, во кое има наведено 26 нефер трговски практики, кои ќе се уредуваат, извести Министерството за економија.
Со овој предлог-закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционален трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг.
Надоместоците што сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и доставувач, а кои сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.
Клучно во овој дел е поголемо приближување и изедначување на националната легислатива со онаа на земјите членки на Европската Унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан што ја транспонира оваа директива на ЕУ со цел да воспостават фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.
Со донесување на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во разни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.