Стигна предупредување: Појава на мраз на повеќе места во Македонија – еве кога

Метео анализа на Славчо Попоски:

НАЈАВА ЗА ПОСТУДЕН ВОЗДУШЕН БРАН ОД СЕВЕР И ЗАСИЛЕН СЕВЕРЕН ВЕТЕР: Во среда наутро појава на мраз на повеќе места!

Продолжува периодот на променливо време во Македонија и со сончеви периоди. Денес попладне ќе има појава на локален дожд и услови за појава на ретки грмежи, а особено Долж Повардарието ќе засилува ветерот од северен правец.

Температурата ќе се искачува во интервалот од 8 до 16 степени.

Потоа нови локални врнежи од дожд ќе има во вторник, особено претпладне.

Поради спуштање на постуден воздух од север, во вторник во текот на денот ќе започне да дува засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час) и истиот ќе продолжи да дува и во текот на ноќта кон среда.

Токму поради ова на планините со надморска височина од над 1400 – 1500 метри ќе има слаби врнежи од снег.

Поради разведрувањето, во среда утрото ќе биде значително постудено и на повеќе места температурите ќе се спуштат под нулата, со што ќе има појава на слаб до умерен, а на планинските места и умерен мраз. Во среда наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -4 и 4 степени, а на планинските места тие ќе се спуштат и под -5 степени.

Токму поради ова, на земјоделците и на овоштарите ги советуваме со време да ги заштитат своите земјоделски култури и овошките од очекуваната појава на утрински мраз во среда.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде