Тажна вест: По кратко боледување почина познатиот физичар и нобеловец

Веста за неговата смрт ја потврди Универзитетот во Единбург.

„Почина во понеделник, 8 април, мирно дома, по кратко боледување. Неговото семејство побара медиумите и јавноста во овој момент да ја почитуваат нивната приватност“, соопштија од Универзитетот.

Во 1964 година, Питер Хигс, заедно со уште петмина други физичари, предложи теорија која го објаснува потеклото на масата на елементарните честички.

Оваа теорија, подоцна наречена Хигсов механизам, имплицира постоење на Хигсовиот бозон, кој беше откриен дури во 2012 година во експериментите ATLAS I CMS во Големиот хадронски судирач во Европскиот центар за нуклеарни истражувања (ЦЕРН).

Хигс и неговиот колега Франсоа Енглерт ја добија Нобеловата награда за физика во 2013 година за нивната работа на формулацијата на Хигсовиот механизам.

Во популарната литература, Хигсовиот бозон се нарекува и Божја честичка, по насловот на книгата на физичарот и нобеловец Леон Ледерман, Божјата честичка: Ако универзумот е одговорот, што е прашањето? од 1993 година. Многу научници го отфрлаат тоа име, сметајќи го за сензационалистичко.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде