Утринава (11.11) повеќе места низ Македонија се разбудија со снежна прекривка. Па, од Водно до Крива Паланка снег има на повеќе места, но дефинитивно најубави зимски пејзажи има во Кратово.
Малото магично гратче, со кули и мостови кои приказни раскажуваат, е обоено во бело, а кратовчани ја пренесуваат атмосферата преку своите фотографии на социјалните мрежи.
Овој град во Североисточна Македонија е сместен во грлото на изгаснат вулкан и претставува еден од најстарите градови во Македонија и на Балканот.
Постојат повеќе примери за изворот на името на градот Кратово. Според Википедија, името Кратово доаѓа од местоположбата на градот, кој лежи на вулканска подлога, односно вулкански кратер.
Според преданието, градот го добил името по зборовите „кират-ова“, по името на тврдината на бреговите на Кратовска Река, урната од Османлиите. Во времето на Византија, градот е наречен „Коритос“ или „Коритон“.