Следува период на променливо облачно и постудено време, до четврток со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини особено во ноќта кон вторник ќе има услови за појава на повремен снег, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималната температура утре ќе се движи во интервал од -5 до 4, а максималната од 7 до 14 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне 13 степени.
Снежни врнежи во текот на вечерта се бележат на неколку планини низ Македонија.
Во моментов најмногу вее на Пелистер на ски стазите во Нижеполе и Копанки.
Врнежи од снег во моментов се бележат и на Пониква а слаб снег провејува и на Галичица.
Ситни снегулки вечерва може да се забележат и на врвот на Водно.
Моменталните температури на планинските врвови се движат од 0 до минус 3 степени, а во моментов во Скопје има 4 степени над нулата.