Oстави длабок печат во уметноста и културниот живот на земјата: Почина познатиот македонски актер

Македонската театарска и филмска сцена загуби уште едно значајно име – актерот Самоил Стојановски, кој остави длабок печат во уметноста и културниот живот на земјата.

Веста за неговото прерано заминување ја потресе уметничката заедница, колегите и пријателите, кои ќе го паметат по неговиот талент, посветеност и топлина.

Роден на 3 ноември 1970 година во Скопје, Стојановски повеќе децении беше дел од македонската актерска сцена.

Од 2003 година беше вработен во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, каде што изгради импресивна кариера со улоги во бројни претстави, меѓу кои „Крал Лир“, „Тартиф“, „Лисистрата“, „Принцезата и Гускарот“, „Последниот Балкански вампир“, „Најважната работа на светот“ и многу други.

Покрај ангажманите во театарот, Стојановски беше дел и од филмската и телевизиската продукција. Неговите улоги во проекти како „Ослободување на Скопје“, „Преспав“, „Македонски народни приказни“ и најновиот „Црвениот поет“ сведочат за неговата разновидност и уметничка длабочина.

Со неговото заминување, македонската уметност изгуби актер кој знаеше да внесе живот во секоја улога и да остави трага кај публиката. Неговото дело ќе остане сведоштво за неговиот талент и љубовта кон уметноста, а неговиот лик – во срцата на сите што го познаваа.

Нека почива во мир.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде