Поднесена кривична пријава против Мицкоски

Опозициската партија СДСМ информира дека поднела кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за сериозно нарушување на уставниот и правниот поредок во државата.

Од партијата тврдат дека премиерот, од позиција на извршната власт, јавно најавувал кривични прогони и таргетирал поединци од опозицијата и нивните семејства, што според нив претставува директно мешање во работата на правосудните институции.

Во пријавата се наведува дека со ваквите постапки се создава впечаток дека судството и обвинителството се користат како алатка за политички пресметки, што, како што оценуваат, е спротивно на демократските принципи и владеењето на правото.

СДСМ посочува дека ваквото однесување има елементи на повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните и загрозување на сигурноста.

Партијата побара од Јавното обвинителство итно да постапи по поднесената пријава, да го повика премиерот на распит и да обезбеди независна и непристрасна постапка.

Воедно, од СДСМ нагласуваат дека ќе продолжат да се спротивставуваат на, како што велат, притисоците и заканите, истакнувајќи дека нивната политичка борба ќе продолжи.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде