Македонската култура и изворната народна музика останаа без еден од своите најпрепознатливи гласови.
Почина Марија Димкова (1942), позната како „славејот од Егејот“, жена која целиот свој живот го посвети на зачувување и негување на македонското фолклорно богатство, објави Мнет телевизија.
Марија Димкова потекнува од родољубиво семејство од егејскиот дел на Македонија, кое низ годините на Граѓанската војна во Грција минувало низ прогонства и преселби.
По долгото талкање низ Мариово, Штип, Прилепско, Војводина и други места, семејството конечно се населило во Битола, а од 1963 година, по бракот со Стојан Димков, таа живееше во Штип до крајот на својот живот.
Како најстаро од девет деца, уште од најрана возраст била воспитувана во духот на македонската традиција, песна и народно творештво. Вечерите исполнети со песни, приказни и раскажувања оставиле длабок белег врз неа, а токму тие моменти ја претвориле во вистинска ризница на македонската колективна меморија.
Нејзината музичка приказна започнува во шеесеттите години во КУД „Кочо Десанот“ во Битола, додека првиот јавен настап го имала уште во 1959 година на Радио Прилеп со песната „Кирјана вино продава“. Во текот на децениите настапуваше на бројни фестивали, телевизиски и радио емисии, а посебно беше препознатлива по изведбата на песната за Мирка Гинова.
Димкова зад себе остави повеќе од педесет снимени изворни народни песни, како и две музички изданија – „Песни од Егејот“ од 1999 година и второ ЦД издадено во 2016 година. Добитничка е на повеќе признанија, меѓу кои и награда од жирито на „Гоце Фест“ во 2007 година, како и специјална награда од Здружението на децата бегалци за песната „В душа тага криеме“.
Освен како пејачка, Марија Димкова беше и автор на книгите „Од фолклорната ризница на Марија Димкова“ и „Автобиографија од Марија Димкова“, оставајќи драгоцено сведоштво за македонската традиција и животот на Македонците од егејскиот дел на Македонија.
И покрај здравствените проблеми и намаленото движење во последните години, таа остана активна во здруженијата на Македонците од Егејот и продолжи да настапува и да ја промовира изворната песна. Пред само неколку месеци ги објави своите најнови а капела изведби на автентични песни од Воденско и Мегленско, дел од нив првпат претставени пред јавноста.
Со заминувањето на Марија Димкова, Македонија загуби уникатен чувар на народната песна и традиција, но нејзиниот глас и делото ќе останат трајно врежани во македонската културна меморија.

