УЈП ја откри причината: Ова е проблемот ако немате исплата за Мој ДДВ

Дел од граѓаните во последниот период пријавуваат дека не им се исплатува повратот преку апликацијата „МојДДВ“, што предизвикува дополнителни реакции и прашања околу функционирањето на системот.

Од Управата за јавни приходи појаснуваат дека најчеста причина за ваквите ситуации е поврзана со статусот на корисничкиот профил и неговата регистрација во системот.

Од УЈП информираат дека користењето на апликацијата „МојДДВ“ бара граѓаните претходно да се регистрираат во системот за е-Даночни услуги и нивниот профил да биде целосно одобрен.

Само по завршена и потврдена регистрација, апликацијата може да функционира без ограничувања и да овозможи користење на сите предвидени услуги, вклучително и скенирање фискални сметки и остварување право на поврат на дел од платениот данок.

Доколку профилот не е одобрен или се наоѓа во фаза на обработка, граѓаните нема да можат да ги користат сите функционалности на системот, а со тоа може да дојде и до доцнење или целосно изостанување на исплатите. Во такви случаи, од институцијата посочуваат дека е неопходно корисниците лично да се обратат во најблиската организациона единица на УЈП, каде што со важечки документ за идентификација може да се заврши процесот на верификација и одобрување на профилот.

Од УЈП дополнително нагласуваат дека „одобрен профил е основен услов за целосно користење на апликацијата МојДДВ и за остварување на правото на поврат на ДДВ“, при што апелираат граѓаните навремено да ја проверат состојбата на својот профил за да избегнат непријатности и доцнења во исплатите.

Апликацијата „МојДДВ“ е воведена со цел да се стимулира фискалната дисциплина и да се овозможи враќање на дел од платениот ДДВ преку скенирање на фискалните сметки, но нејзиното целосно функционирање зависи од правилно завршена регистрација и активен кориснички статус.