Музичката индустрија е потресена од веста за смртта на пејачот, текстописец и автор на бројни светски хитови, Талеј Рајли, чие вистинско име е Марк Орабии. Тој починал на 35-годишна возраст по напад со нож во источен Лондон.
Рајли во текот на својата кариера соработувал со некои од најголемите музички имиња, меѓу кои Дуа Липа, Ашер, Чипманк, Крег Дејвид и Бритни Спирс, создавајќи песни кои се искачувале на врвовите на светските топ-листи.
Според информациите од полицијата, службите за итна помош биле повикани во петокот по пријава за напад со нож во источниот дел на Лондон. На местото бил пронајден 35-годишен маж со повеќе убодни рани.
И покрај напорите на лекарските екипи да му го спасат животот, тој бил прогласен за мртов на местото на настанот.
Во инцидентот бил повреден и уште еден маж на возраст од околу дваесет години, кој бил пренесен во болница со повеќе убодни рани. Според лекарите, неговиот живот не е во опасност.
Полицијата привела двајца мажи на возраст од 27 и 24 години, како и 25-годишна жена под сомнение за убиство. Подоцна, 24-годишниот маж и жената биле ослободени без понатамошни мерки, додека 27-годишникот бил пуштен со кауција додека трае истрагата.
Случајот го презеле детективи од Одделот за тешки кривични дела, кои продолжуваат со истрагата и апелираат до граѓаните кои имаат информации да се јават во полиција.
По трагичната вест, семејството на Рајли се огласи со емотивна порака.
„Марк беше сакан син, брат, вујко и пријател. Донесе љубов, светлина и радост во нашето семејство и кај сите што го познаваа. Неговата добрина, прекрасен дух и исклучителен талент засекогаш ќе останат во нашите срца“, соопшти семејството.

