УЈП ја објасни причината за прекинот со скенирањето на фискални сметки

Граѓаните повторно можат да ја користат апликацијата „МојДДВ“, откако беше отстранет проблемот поради кој таа не функционираше изминатите денови.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) информираа дека прекинот бил предизвикан од технички активности поврзани со надградба и прилагодување на системот.

Апликацијата, која ја користат голем број граѓани за скенирање фискални сметки и остварување поврат на дел од платениот данок на додадена вредност, сега повторно е достапна.

Според УЈП, системот е целосно стабилизиран и може да се користи преку мобилните уреди со оперативни системи „Андроид“ и „иОС“.

„По завршувањето на техничките активности, апликацијата повторно е активна и достапна за сите корисници“, информираат од институцијата.

Претходно, дел од корисниците пријавуваа дека не можат да се најават, да скенираат сметки или да ги користат функциите на апликацијата, што предизвика незадоволство кај граѓаните.

Од УЈП уверуваат дека проблемот е надминат и дека „МојДДВ“ продолжува со редовно функционирање.