Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против пет лица од Скопје, на возраст од 22 до 34 години, поради сомнение за терористичка организација.
Според прибраните докази, првоосомничениот кон крајот на 2024 година формирал интернет канал и група на социјална платформа во која членувале и останатите осомничени.
Во текот на 2025 и 2026 година, преку овие комуникациски канали осомничените ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на терористичката организација ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки материјали. Целта била ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители.
Во текот на вчерашниот ден, по наредба на судија на претходна постапка, се извршени претреси на пет локации на подрачјето на Скопје, од кои три во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде двајца од осомничените се на издржување на казна за друго кривично дело, а еден осомничен е во притвор, како и на две други локации поврзани со останатите осомничени лица. При претресите се пронајдени и одземени повеќе електронски уреди и други предмети што ќе бидат предмет на вештачење и понатамошна доказна постапка.
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје делумно го прифати предлогот на јавниот обвинител и на еден осомничен му определи мерка притвор, додека за вториот му е определена мерка куќен притвор.

