Oбјавен повик за субвенционирање за набавка на клими – еве кои граѓани можат да аплицираат

Врз основа на Програмата за енергетска ефикасност на Општина Берово за 2026 година и Правилникот за начинот на користење на финансиските средства од Буџетот на Општина Берово, се објавува Јавен повик за надоместување на дел од трошоците (субвенционирање) на граѓаните од подрачјето на Општина Берово кои набавиле енергетски ефикасни грејни тела (инвертер клима уреди и топлински пумпи) за 2026 година.

  1. Предмет на јавниот повик и висина на субвенцијата

Општина Берово ќе надомести дел од трошоците направени при набавка на енергетски ефикасно грејно тело (инвертер клима уред или топлинска пумпа).

  • Висина на субвенцијата: Максимум 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари по одобрено барање.
  • Принцип на доделување: „Прв дојден, прв услужен“, до целосно исцрпување на предвидениот буџет за оваа намена.
  1. Услови за аплицирање

Право на учество имаат сите жители на Општина Берово кои ги исполнуваат следните услови:

  • Да се жители на Општина Берово.
  • Да немаат добиено финансиски средства за истата намена од друг извор во Република Северна Македонија.
  • До поднесувањето на барањето, да биле корисници на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут (што се потврдува со изјава и при теренскиот увид).
  • Новиот уред да е купен во периодот на траење на овој Јавен повик и да поседува минимален стандард (минимум А++ класа или минимум 4.0 SCOP).
  • Уредот да биде инсталиран на адресата на живеење од личната карта на барателот.
  • Станбениот објект да не е во фаза на градба и барателот ефективно да живее во него.
  • Само едно лице од едно домаќинство може да поднесе барање.
  1. Ранливи категории со право на првенство

При распределба на наменскиот дел од средствата, предност ќе имаат следните категории (по дадениот редослед):

  1. Стари лица и пензионери кои живеат сами (едночлено домаќинство).
  2. Семејства кои имаат член – лице со попреченост.
  3. Приматели на социјална помош и лица во социјален ризик.
  4. Самохрани родители.
  5. Повеќечлени семејства (пет или повеќе членови, односно три или повеќе деца).
  6. Потребна документација

Барањето се поднесува во еден пакет кој задолжително ги содржи следните документи:

  • Пополнето Барање (Образец 1).
  • Фотокопија од важечка лична карта.
  • Оригинална фискална сметка со сметкопотврда (со спецификација на уредот) ИЛИ фактура со извод од банка како доказ за извршено плаќање, издадени исклучиво во текот на траењето на овој повик.
  • Копија од енергетска налепница, техничка спецификација или техничко упатство од производителот каде јасно се гледа енергетската класа (минимум А++) или факторот (минимум 4.0 SCOP).
  • Фотокопија од трансакциска сметка на барателот.
  • Потврда за платен данок на имот за објектот каде е инсталиран уредот (заклучно со претходната година).
  • Изјава под полна материјална и кривична одговорност дека барателот претходно користел нееколошко гориво и дека ги исполнува условите (Образец 2).
  • Изјава за согласност за користење на лични податоци (Образец 7).

Дополнителна документација за право на првенство (доколку е применливо):

  • Приоритет 1: Изјава за заедница на живеење и сатус на едночлено семејство (за пензионери самци) (Образец 3)
  • Приоритет 2: Решение, наод и мислење или потврда за утврден степен на попреченост (Образец 4);
  • Приоритет 3: Решение од Центарот за социјални работи за социјална помош / социјален ризик;
  • Приоритет 4: Изјава или соодветен доказ за статус на самохран родител / еднородителско семејство (Образец 5)
  • Приоритет 5: Потврда/Извод од матична книга на родени или Изјава за членови на семејството (Образец 6)

 (Сите обрасци можат да се подигнат во архивата на Општина Берово или да се преземат од веб-страницата: https://berovo.gov.mk/

Обрасците може да ги превземете на следниот ЛИНК

  1. Начин и рок на поднесување
  • Рок: Јавниот повик трае 60 дена од денот на објавувањето.
  • Место: Барањата се доставуваат во затворен плик преку Архивата на Општина Берово (Ул. „Димитар Влахов“ бр. 10), секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот.
  • Назнака на пликот: „До Комисијата за субвенционирање на енергетски ефикасни грејни тела (инвертер клима уреди и топлински пумпи)“.
  1. Постапка и одлучување

Комисијата врши административна проверка на документацијата по редослед на пристигнување (датум, час и минута). За уредните барања задолжително ќе се изврши теренски увид на лице место за да се потврди инсталацијата на новиот уред и исфрлањето од примарна употреба на старата печка. Врз основа на извештајот од Комисијата, Градоначалникот донесува Решение за одобрување или одбивање на барањето.