ПАДНА ОДЛУКА: Еве кога ќе бидат познати новите министри во владата на Мицкоски

Разговорите за реконструкција на Владата влегуваат во завршна фаза, но конечната одлука за новиот владин состав ќе биде позната по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која е закажана за вторник.

Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, иако претходно се очекуваше реконструкцијата да биде финализирана уште овој викенд.

„Во вторник ќе ја имаме седницата на Извршниот комитет. Тоа се политички одлуки што треба да се донесат на политичко ниво, а потоа да се операционализираат во рамките на Владата. Дури по седницата ќе бидат соопштени ресорите и имињата“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, додека траат преговорите меѓу коалициските партнери, дел од министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ започнаа со презентација на сработеното во изминатите две години. Отчет веќе дадоа министрите за образование, култура, надворешни работи и финансии, а во наредните денови се очекуваат и отчетите на министрите за внатрешни работи и дигитална трансформација.

Сепак, главното прашање останува кои министри ќе ги задржат функциите, кои ќе бидат преместени во други ресори, а кои ќе ја напуштат Владата.

Според неофицијални информации, сè уште нема конечен договор со коалицискиот партнер ЗНАМ. Несогласувањата, наводно, се однесуваат на Министерството за правда, бидејќи ЗНАМ не сака да се откаже од овој ресор, ниту министерот Игор Филков да биде разрешен.

Од партијата потврдуваат дека разговорите продолжуваат и дека ниту едно прашање засега не е затворено.