Големо изненадување: Перински заминива од Министерството за локална

Во претстојната реконструкција на владата на премиерот Христијан Мицкоски, носечката партија во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие ресорите Здравство и Социјална политика, кадри на Влен ќе застанат на чело на Правда, Односи меѓу заедниците и Култура, а ЗНАМ го добива Министерството за земјоделство, велат партиски извори за „360 степени“.

Притоа, министерско место без ресор се очекува да добие Демократската партија на Турците, а Шабан Салиу веќе нема да биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 г.

Во Министерството за здравство, доаѓа Сашо Клековски, кој е актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Неговата директорска позиција во ФЗО ја добива Златко Перински, сегашен министер за локална самоуправа.

Во оваа ротација, во испразнетиот владин ресор Локална самоуправа се сели Иван Стоилковиќ, вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Кадар на ВМРО-ДПМНЕ застанува на чело на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Според информациите на „360 степени“, унапредување во министер добива актуелниот заменик во овој ресор, Ѓоко Велковски.

Размената на ресори, според договорот меѓу владините партнери, предвидува во Министерството за односи меѓу заедниците да дојде кадар на Влен. Владејачката партија на Албанците ќе раководи и со Министерството за правда, за каде како потенцијален шеф се спомнува универзитетскиот професор Јетон Шасивари. По промените, Влен ќе има и министер за култура, позиција од која заминува Зоран Љутков. Беким Сали останува министер за европски прашања.

ЗНАМ, по губењето на Правда, каде што министеруваше Игор Филков, ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во нов шеф на овој ресор се очекува да биде промовиран Борче Серафимовски, кој во моментов е државен секретар во истото министерство.