КЛИМАТА МОЖЕ ДА ТРОШИ И ДО ТРИ ПАТИ ПОВЕЌЕ СТРУЈА – еве на што треба да внимавате!

Во летните горештини, клима-уредите се најчестото решение за разладување на домовите, но експертите предупредуваат дека една навика на корисниците може значително да ја зголеми потрошувачката на струја и да ги направи сметките драстично повисоки.

Имено, многу граѓани се обидуваат да заштедат така што ја вклучуваат климата само повремено – на кратки интервали во текот на денот. Според стручњаците, токму ова често резултира со поголема потрошувачка отколку континуирана работа на уредот.

Современите инвертер клима-уреди се дизајнирани да работат на поефикасен начин кога постојано ја одржуваат зададената температура. Откако просторијата ќе се излади, компресорот автоматски ја намалува својата моќност, со што значително се намалува потрошувачката на електрична енергија. Наспроти тоа, честото исклучување и повторно вклучување предизвикува уредот да работи со максимален капацитет, што троши многу повеќе струја.

Според објаснувањата, инвертер клима со капацитет од 3,5 kW може при максимално оптоварување да троши околу 1,2 kW електрична енергија, додека при одржување на температурата потрошувачката паѓа на само 200 до 500 вати.

Експертите препорачуваат, доколку се престојува дома во текот на целиот ден, клима-уредот да се вклучи во утринските часови кога надворешните температури се пониски и да остане да работи континуирано. На тој начин се избегнува постојаното оптоварување при повторно ладење на загреан простор, што на крај може да резултира со поголема потрошувачка.

За оние што не се дома поголем дел од денот, се препорачува уредот да се вклучи околу еден час пред враќање, особено ако климата има Wi-Fi контрола за далечинско вклучување преку мобилен телефон.

Посебен акцент се става и на енергетската ефикасност на уредите. Најштедливи се моделите со ознака A+++, потоа A++ и A+, кои трошат значително помалку електрична енергија во споредба со постарите системи.

Исто така, важна е и правилната поставена температура. Во летниот период се препорачува да се одржува меѓу 24 и 26 степени Целзиусови, додека во зимски услови, кога климата се користи за греење, најекономичен опсег е од 20 до 22 степени.

Со правилна употреба на инвертер технологијата и одржување на стабилна температура, потрошувачката на електрична енергија може значително да се намали, а истовремено да се обезбеди и постабилна удобност во домот.