Од полноќ возачите ќе плаќаат повисоки цени за горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за просечно зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати за 1,47 проценти.
Најголемата промена е кај дизелот, кој поскапува за 2,5 денари по литар.
Бензините ќе бидат поскапи за 1 денар по литар, додека екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по цена повисока за 2 денари. Единствено мазутот поевтинува – за 0,265 денари по килограм.
Од Комисијата објаснуваат дека корекцијата на цените е резултат на движењата на светските пазари. Во изминатиот пресметковен период цената на бензините пораснала за 2,576 проценти, дизелот за 5,201 процент, а екстра лесното масло за 4,681 процент. Во исто време, цената на мазутот е намалена за 0,967 проценти.
Дополнително, врз конечната пресметка влијаел и повисокиот курс на денарот во однос на американскиот долар, кој во анализираниот период се зголемил за 1,5132 проценти.

