Општина Ѓорче Петров воведува нова мерка за поддршка на младите, со која за првпат ќе обезбеди еднократна финансиска помош за полуматурантите од општината.
Со мерката се опфатени 360 ученици кои го завршија основното образование, а секој од нив ќе добие финансиска поддршка во износ од 5.000 денари.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ги потпиша решенијата за исплата на средствата, нагласувајќи дека станува збор за конкретна помош за учениците и нивните семејства.
„Оваа мерка претставува конкретна поддршка за учениците и нивните семејства, во период кога младите завршуваат едно важно поглавје од своето образование и се подготвуваат за нови предизвици. Младите се нашата иднина и наша најголема обврска“, истакна Стојкоски.
Тој додаде дека со воведувањето на оваа финансиска поддршка општината покажува дека го вреднува образованието и вложува во младите.
„Првпат воведуваме ваква поддршка, затоа што се гради силна заедница со грижа, посветеност и со конкретни дела“, порача градоначалникот на Ѓорче Петров.

