Остави неизбришлива трага во македонскиот спорт – денес ја испраќаме во вечноста

На 67-годишна возраст, денес почина проф. Соња Думбалоска Делова, истакната професорка по физичка култура, пливачки тренер, судија и педагог, која со својата долгогодишна посветеност остави неизбришлива трага во развојот на пливањето во нашата земја.

Веста за нејзиното прерано заминување ја потврди Националната пливачка федерација, истакнувајќи дека македонскиот спорт изгуби личност чие знаење, љубов кон пливањето и хуманост беа вистинска инспирација за бројни генерации спортисти и спортски работници.

Професорката Думбалоска Делова беше нераскинлив дел од охридската и македонската пливачка историја. Посебен печат остави како еден од клучните столбови на Охридскиот пливачки маратон, во кој учествуваше активно уште од неговото возобновување во 90-тите години.

Нејзината професионалност и придонес беа валоризирани со бројни признанија. Во 2019 година ја доби престижната награда „Климе Савин“, а годинава беше одликувана и со наградата „Спортска легенда“ на град Охрид, признание кое го круниса нејзиниот животен пат посветен на спортот и едукацијата.

„Со својот труд и човечност, Соња даде огромен придонес во развојот на пливањето во Македонија и засекогаш ќе остане дел од неговата историја“, стои во соопштението на Националната пливачка федерација, во кое се упатуваат искрени сочувства до семејството и најблиските.

Посмртните останки на проф. Соња Думбалоска Делова ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид на 13 јули (понеделник), во периодот од 12:00 до 12:30 часот.

Нека ѝ е вечна слава.