Цените на горивата повторно би можеле да пораснат поради растот на цената на нафтата и доларот.
Македонските граѓани утре ќе дознаат по која цена ќе ги точат горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ја објави новата одлука за малопродажните цени.
Според актуелните движења на светските берзи, повеќе е веројатно дека ќе има ново поскапување, главно поради растот на цената на нафтата и зајакнувањето на американскиот долар. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека Владата размислува за намалување на акцизите на горивата, но не прецизираше кога би можела да се донесе таква одлука.
„Немаме направено калкулација за покачувањата, но ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела“, изјави Мицкоски.
На последната корекција на цените, дизелот поскапе за 5,5 денари по литар, додека бензините поскапеа за 1,5 денар по литар. Во меѓувреме, Владата ја продолжи одлуката за постоење на кризна состојба до 20 октомври, што овозможува дополнителни механизми за реагирање во услови на енергетски нарушувања.
Конечната одлука за новите цени на бензинот, дизелот и останатите нафтени деривати ќе ја соопшти РКЕ утре.

