Страшно невреме беснее во делови од регионот

Силно невреме со обилни врнежи, грмежи, град и силен ветер го зафати регионот, а метеоролошките служби во Хрватска, Словенија и Србија издадоа предупредувања поради опасност од локални бури и можни материјални штети.

Во Хрватска, портокалово предупредување е издадено за подрачјата на Загреб и Карловац поради локално интензивни врнежи со грмежи и силни ветрови. Метеоролозите предупредуваат дека во вечерните часови е можен развој на посилни бури.

Загреб веќе беше погоден од дожд и грмежи во утринските часови, додека портокалово предупредување важи и за Сплит и Дубровник поради екстремно високите температури кои достигнуваат до 35 степени Целзиусови. Жолти предупредувања за грмотевици се активирани за Осиек, Госпиќ и Риека, каде што се очекуваат локални врнежи и засилен ветер. Во Кварнер се можни налети на ветер со брзина од 65 до 75 километри на час.

Поплави и паднати дрвја во Словенија

Силно невреме со пороен дожд и ветер ја погоди и Словенија, каде најголеми проблеми има во регионите Горењска и Корошка. Итните служби интервенирале поради паднати дрвја, поплавени улици и последици од поројните врнежи. Во пошироката област на Крањ, силниот ветер предизвикал штети на повеќе локации, а најпогодени се општините Горења Вас и Накло. Интервенции имало и во областите Преваље и Дравоград.

Засега нема информации за повредени лица.

Словенечката Агенција за животна средина (АРСО) предупреди дека дождовите продолжуваат во североисточниот дел од земјата. На една мерна станица биле измерени 31 милиметар дожд за само 30 минути, што може да предизвика проблеми со патиштата и нагло зголемување на водостоите.

Бура со град ја зафати и Србија

Невремето пристигна и во Србија, каде силна бура со дожд, град и бурен ветер погоди делови од западниот дел на земјата. Најпогодени се подрачјата околу Нова Варош, Златибор и Ариље.

Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) предупреди дека зоната на врнежи се движи кон Шумадија и Поморавје, каде во следните часови се очекуваат интензивни дождови, грмежи, локален град и силни ветрови. Во Гуча, ветерот откорнал гранки и оштетил дрвја, а голема липа паднала врз станбена зграда. Според првичните информации, нема повредени.

Дожд и локални грмотевични врнежи се очекуваат и во Белград, особено во јужните делови од градот.

Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредниот период, со можност за нови локални невремиња, особено во попладневните и вечерните часови.