Први снимки од страшното невреме кое го погоди Скопје

Силно невреме проследено со пороен дожд и урагански налети на ветер попладнево го погоди Скопје, оставајќи зад себе големи материјални штети и хаос во повеќе делови од градот.

Најпрво силните налети на ветер почнаа да корнат кровови, да уриваат сообраќајни знаци и да кршат дрвја и гранки, при што беа оштетени и повеќе паркирани возила. На повеќе улици сообраќајот беше отежнат или целосно блокиран поради паднати дрвја.

Најсериозна е состојбата во општина Карпош, каде се пријавени најмалку две паднати дрвја, а избувна и пожар во автомобил. Во населбата Аеродром, пак, силниот ветер откорна кров од објект.

Во меѓувреме, проблемите се проширија низ повеќе делови од градот. Граѓаните пријавуваа паднати дрвја кај  Зоолошката градина, пред трговскиот центар „Капитол“, кај Соборниот храм, на улицата „Димитар Благоев“ во Лисиче, на Рузвелтова улица, како и кај Министерството за земјоделство, каде паднато дрво ја отежнало проодноста на улицата „Ленинова“.

Покрај материјалните штети, невремето предизвика и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Според пријавите на жителите, без струја останаа делови од Волково, Матка, Сарај и Геге, а се очекува екипите на ЕВН да ги отстранат дефектите.

Во близина на трговскиот центар „Мавровка“ беше пријавен и пожар, кој според првичните информации, во меѓувреме сам се изгаснал.

Низ улиците на Скопје во текот на целото невреме одекнуваа сирени на противпожарните и другите итни служби, кои интервенираа на повеќе локации поради паднати дрвја, откорнати конструкции и други опасности предизвикани од силниот ветер.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) претходно предупреди дека во делови од Скопската Котлина се очекува нестабилно време со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локална појава на град. Само неколку часа подоцна, силното невреме ја погоди престолнината.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење под дрвја, билборди и други нестабилни конструкции и да ги следат препораките на службите, бидејќи временската состојба и натаму останува нестабилна.