Полицијата во акција: Претреси на повеќе локации – приведени шест лица

Вознемирувачките снимки од семејна веселба во гостиварското село Добридол, на кои се гледаат млади лица како пукаат со огнено оружје, предизвикаа бурни реакции во јавноста и брза полициска акција.

На видеата, кои се проширија на социјалните мрежи, се гледаат лица качени на автомобил додека во позадина се слуша гласна музика, а неколкумина испукуваат куршуми во воздух. Граѓаните побараа институциите да реагираат, предупредувајќи дека ваквото однесување претставува сериозна опасност за јавната безбедност.

Снимките првично ги објави адвокатот и активист Умејр Мухамеди, кој реагираше на инцидентот, а подоцна ја отстрани објавата, појаснувајќи дека тоа го сторил од коректност кон сопственикот на возилото што се појавува на видеото, бидејќи, како што наведе, станува збор за лице кое не е поврзано со случајот.

Само неколку часа откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека по допрен глас го истражува случајот, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претреси на повеќе локации во селото Добридол.

Според МВР, во акцијата биле приведени шест лица, додека уште едно лице било повикано на службен разговор. При претресите биле пронајдени пиштоли, пушка и муниција, кои ќе бидат предмет на понатамошна истрага. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека постапката е во тек и дека ќе бидат преземени сите законски мерки за целосно расчистување на случајот.