По подолго боледување, денес во Скопје, на клиниката за кардиологија, на 72 години почина Исмаил Бојда, примерен сопруг, татко, дедо, прадедо, Македонец, голем патриот, другар и пријател, кој целиот свој живот го посвети во одбрана на правата на Македонците со исламска вероисповед во Македонија, Албанија, Косово и Турција, насекаде каде ги има во светот.
Неговите дела ќе останат за пример на идните генерации – да се биде горд припадник на Македонскиот народ, но и посветен и горд припадник на Исламот. Залагајќи се за македонско единство тој често знаеше да каже: Насушна е потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивното верско уверување и место на живеење, – изјави актуелниот претседател на СМИР Љатиф Пајкоски во сочувството изразено по повод упокојувањето на Исмаил Бојда.
За Исмаил Бојда, Македонците со исламска вероисповед отсекогаш биле и засекогаш останаа нераскинлив, неотуѓив и неотстапен дел од Македонскиот народ.
Исмаил Бојда е роден на 6 октомври 1954 година во село Брод, областа Гора на Косово.
Основано образование завршил во родното село Брод. После земјотресот во Скопје, во 1964 година со родителите, татко му Имер и мајка му Атмана, се селат во главниот град на Македонија. Од рани години им помага на родителите во работата на слаткарницата и ресторанот коишто ги имаат.
Во Скопје, Исмаил Бојда завршува средно образование со квалификација машински техничар и виша електро школа.
По завршувањето на образованието, во 1974 година се вработува во Железарницата Скопје како електро-технолог за набавки, каде што останува се’ до пензионирањето во 1996 година.
1974 година се жени за Мабера, во брак имаат три деца – два сина Сафет роден 1975 година и Горан роден 1981 година и ќерката Кимета родена 1977 година, сите со фамилии, деца и внуци.
Во Скопје е општествено активен, се вклучува во работата на Републичката заедница на културно-научните манифестации на македонците муслимани, соработува со проф.д-р Нијази Лиманоски и поетот Саме Жерноски. Ангажиран е во реорганизацијата на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците муслимани на состаноците на претседателството на Сојузот на македонците си исламска религија одржани на 27 ноември 1999 година, 4 декември 1999 година и на 15 јануари 2000 година.
Исмаил Бојда беше еден од иницијаторите за основање на Горанското друштво во Македонија чие основачко собрание се одржа на 19 септември 1999 година.
Организатор е на свечената академија по повод 20 годишнината од основањето на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците муслимани одржана на 18 декември 1999 година во Домот на АРМ во Скопје, во присуство на претседателот и премиерот на Република Македонија.
Исмаил Бојда на Собранието одржано на 30 април 2000 година е избран за претседател на Сојузот на Македонци со исламска религија. Функцијата претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија ја извршуваше четири мандати до 2014 година, кога за претседател е избран поранешниот пратеник во Собранието на Македонија, Љатиф Пајкоски. Од 2014 година, Исмаил Бојда е почесен претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија.
Во 2013 година од печат излезе книгата “Бојда – корени на националниот идентитет“, дело на авторката Жаклина Трпевска, труд посветен на корените и животот на Исмаил Бојда, Македонец роден во областа Гора на Косово.
Во 2015 година, почесниот претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија побара Македонската влада да го следи примерот на Хрватска и Црна Гора – признавањето на Косово и воспоставувањето на македонско-косовските дипломатски односи да го услови со впишување на Македонците од обласѕта Гора во Уставот на Косово.
Исмаил Бојда беше пратеник во Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес и член на неговото Претседателство од 1999 година, како и претседател на Балканската конференција на Македонците со исламска вероисповед.
Исмаил Бојда и СМИР на 8 март 2000 година го иницираат отворањето на граничниот премин Стрезимир-Рестелица меѓу Македонија и Косово и беше првиот македонски државјанин кој ја помина граничната линија и премин.
Во организација на СМИР и Исмаил Бојда на 11 октомври 2016 година, во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, се одржа традиционално чествување во помен на проф.д-р Нијази Лиманоски (1941-1997) и поетот Саме Лимани Жарноски (1935-2007), соодветно и на 12 мај 2018 година, во Мијачката куќа под манастирот “Свети Јован Бигорски“.
СМИР и Исмаил Бојда беа основачи на Македонско-Горанската заедница на Косово и на Македонско-Горанската партија на Косово.
Исмаил Бојда беше главен иницијатор за издавањето македонски државјанства за Македонците во областа Гора на Косово и во Македонија. А, организираше неколкупати посета на поголема делегација на СМИР и СМК меѓу Македонците во Турција.
Слава му и вечнаја памјат, Бог да го прости, почивај во мир Смајо, борбата за Македонија и Македонците продолжува, Македонците христијани и Македонците муслимани се неотуѓив, нераскинлив и неотстапен дел од единствениот Македонски народ. Ние пак ќе патуваме во Гора, во твоето родно село Брод, да ја продолжиме работата која има почеток без крај… Амин.
Погребот на Исмаил Бојда е утре, на 2 август. Во џамијата “Бедар“ во Бутел во 12.30 часот ќе се одржи пладневен намаз (молитва), а погребот е после намазот од 13 часот, на муслиманските гробишта “Бутел“ во Скопје. Рахмет и џенет.
Македонски весник “Илинден” упатува искрено сочувство до семејството на Исмаил Бојда, до неговите роднини и пријатели во Македонија и светот и до Сојузот на Македонците со исламска религија.

