ТАЖНА ВЕСТ: Почина познатиот македонски лекар и политичар

На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, истакнат лекар, учесник во Народноослободителната борба и првиот претседавач со конститутивната седница на повеќепартиското Собрание на Македонија во 1991 година.

Стојановски беше еден од најдолговечните сведоци на клучните историски настани од поновата македонска историја. Како најстар пратеник во тогашниот парламентарен состав, во јануари 1991 година ја водеше конститутивната седница на првото повеќепартиско Собрание, означувајќи почеток на новото демократско парламентарно уредување на државата.

Како учесник во Народноослободителната борба, тој беше и жив сведок на штрајкот на велешките гимназијалци во март 1942 година, организиран како отпор против воведувањето на бугарскиот јазик во наставата. Долги години беше активен и во Сојузот на борците на Македонија, каде што извршуваше раководни функции.

Роден е на 8 февруари 1923 година во селото Скачинци, Велешко. Медицинскиот факултет го завршил во Белград во 1952 година, а во 1958 година во Загреб се стекнал со специјализација по педијатрија. Целиот свој професионален живот го посветил на медицината, работејќи како педијатар и извршувајќи ја функцијата директор на Велешката болница.

И по својот стоти роденден остана активен во јавниот живот. Редовно присуствуваше на државни одбележувања, комеморации и историски настани, каде што со своите сведоштва придонесуваше за зачувување на колективната меморија за настаните што го обликуваа современото македонско општество.