Малолетник почина во болница по страшна несреќа со електричен тротинет – не носел заштитен шлем

Малолетникот кој минатиот петок тешко страдаше во сообраќајна несреќа во Велика Горица, Хрватска, и покрај напорите на лекарите, почина во Клиничкиот болнички центар во Загреб.

Загрепската полиција извести дека трагедијата се случила кога малолетникот управувал со електричен тротинет, а како сопатник со него се превезувало уште едно малолетно лице.

Ниту еден од нив не носел заштитен шлем, а малолетникот починал како последица на задобиените тешки повреди.

Според полицискиот извештај, момчето ја изгубило контролата врз тротинетот додека се движеле по улицата и поради неприлагодена брзина кон условите на патот, по што двајцата паднале директно на коловозот.

Построги правила и во Македонија

Оваа трагедија уште еднаш го отвора прашањето за безбедноста на најмладите во сообраќајот при користење на овие брзи превозни средства. Токму поради сè почестите сообраќајни несреќи и опасностите на улиците, Собранието на Македонија изгласа ригорозни измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се воведоа драстично построги правила за електричните тротинети:

Минималната возраст за управување со електричен тротинет се зголемува од 14 на 18 години – што значи дека на малолетниците целосно им се забранува да ги возат. Што се однесува до задолжителната опрема, носењето заштитна кацига е задолжително за сите возачи, а во услови на намалена видливост и навечер задолжителен е и рефлектирачки елемент/елек.