До 1 септември остануваат три недели, а повеќе од 350 илјади пензионери во Македонија сè уште не знаат колку ќе им изнесува новата пензија.
Се знае дека ќе има зголемување. Се знае и формулата според која треба да се пресмета. Но процентот што ќе биде ставен врз секоја пензија сè уште официјално не постои.
По периодот на линеарни покачувања, од септември повторно се враќа редовното процентуално усогласување предвидено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски потврди дека нема нова промена на членот 37 и дека пензиите ќе се усогласуваат според законската формула.
Според неа, половина од процентот се определува според растот на трошоците за живот, а половина според растот на просечно исплатената плата. За септемвриското усогласување треба да се спореди првото полугодие од 2026 година со второто полугодие од 2025 година. Законот предвидува вакво усогласување на 1 март и 1 септември.
Проблемот е што на 10 август државата сè уште ги нема сите статистички податоци што ѝ се потребни за конечната пресметка.
Во базата на Државниот завод за статистика во моментов се објавени податоци за просечната плата заклучно со мај 2026 година. Јунскиот податок, кој е неопходен за да се затвори целото прво полугодие, сè уште го нема.
Додека не биде објавен тој број, конечниот процент на усогласување не може да се утврди според формулата.

