Нови детали за мажот што се удави на Халкидики: Горан скокнал во морето за да спаси непознат маж, доживеал срцев удар

Горан Комазец од Белград е човекот кој денеска се удави во Сарти, на Халкидики, а неговиот последен чин на овој свет беше чин на највисока човечност, храброст и несебичност, пишуваат српските медиуми.

Сè се случило за неколку секунди, кога 56-годишниот Горан кој уживал во сончевиот ден на брегот со сопругата и со малолетниот син, слушнал очаен повик за помош. Непознат маж бил одвлечен од брегот од силна морска струја.

Во моментот кога многумина биле скаменети гледајќи ја неговата борба со силните бранови, Горан истрчал кон брановите. Следејќи го, и неговиот малолетен син скокнал во водата.

Според неофицијални информации, откако одеднаш влегол во студената вода, срцето на Горан откажало. Се претпоставува дека доживеал срцев удар поради шок и напор.

Иако спасувачите и лекарите реагирале и набрзо го извлекле на брегот, а потоа итно го однесле во болница, белграѓанецот не можел да се спаси.