Се појави страотна снимка: Семејство го снимило бегството од пеколот кај Омиш

Унгарско семејство доживеало вистинска драма за време на одморот во Далмација, откако се нашло заробено во близина на Омиш, во моментите кога пожарот брзо се ширел.

Двојката, нивното тригодишно дете и бабата пристигнале на одмор во Локва Рогозница истиот ден, но наместо мирен почеток на летувањето, само неколку часа подоцна морале да се борат за да се спасат од огнената стихија.

Семејството со автомобил тргнало во обид да ја напушти областа. На патот се создала колона, додека пожарот се приближувал од сите страни. На снимката се слушаат исплашените гласови на туристите кои се обидуваат да најдат излез.

„Не можеме да поминеме овде. Ќе дојде огнот до нас“, се слуша во еден од најдраматичните моменти.

Паниката дополнително растела кога пламените јазици се приближиле до возилото. Туристите раскажуваат дека околу нив имало густ чад, а делови од патот можеби веќе биле зафатени од огнот.

Поради екстремно високата температура, дел од автомобилот се запалил, а едно од стаклата пукнало. Соочени со сè поголема опасност, семејството решило да се врати кон Станиќи и да побара спас покрај морето.

Таму останале околу еден час, чекајќи помош. На крајот, до нив пристигнал глисер, со кој семејството било евакуирано од опасната зона.