Силно невреме со обилни врнежи и урагански налети на ветер предизвика сериозни проблеми во делови од Австрија, а последиците се почувствуваа и во Виена. Најтешко беше погодена Долна Австрија, каде што за само кратко време беа поплавени улици и подруми, а ветерот корнеше дрвја и предизвикуваше материјална штета.
Во областа Брук ан дер Лајта состојбата била особено тешка. Противпожарната служба до утрово примила околу 400 повици за помош, главно поради поплавени објекти, паднати дрвја и други последици од невремето.
Во Хаслау ан дер Донау пожарникарите спасувале патници од возило кое било зафатено од надојдена вода. Во Марија Еленд дрво паднало врз куќа, додека во Швадорф и Енцерсдорф ан дер Фиша биле оштетени покриви, а на повеќе места биле искорнати дрвја.
Шефот на окружната противпожарна служба, Кристијан Едлингер, изјавил дека на еден од патиштата се превртел камион, додека силниот ветер поместувал и возила од коловозот.
„Пожарникар сум 40 години, но никогаш досега немам доживеано нешто слично“, рекол Едлингер.
Невремето стигнало и до Виена, каде градот, дождот и силните налети на ветерот предизвикале бројни интервенции на пожарникарите. Пријавени биле паднати дрвја, делови од скелиња и поплавени улици.
Значителна штета е регистрирана и во Бургенланд, особено во Китзе, каде што биле оштетени автомобили, продавници и куќи. Поради невремето бил погоден и аеродромот во Швехат, каде биле регистрирани доцнења на повеќе летови.
Невремето предизвика проблеми и во Франција, само неколку дена по топлотниот бран. Силни бури со обилни врнежи и интензивни налети на ветер погодиле делови од југот на земјата, а во департманот Од биле регистрирани и поплави.
Француската метеоролошка служба „Метео Франс“ прогласила портокалово ниво на предупредување за департманите Вар и Алпи-Маритим поради опасност од силни врнежи и поплави.
На Корзика, поради опасноста од невремето, превентивно биле евакуирани 1.360 лица кои престојувале во кампови и други сместувачки објекти на отворено. На аеродромот во Ајачо биле откажани повеќе летови кон Ница, Лион, Базел-Милуз и Нант, а откажувања имало и на аеродромот во Бастија за летови кон Ница и Нант.

