Пензионерите се во очекување на новото зголемување на пензиите што според Законот за пензиско и инвалидско осигурување им следува со септемвриската пензија. Многумина очекуваат продолжување на „линеарката“ од 1.000 денари, но бранот на линеарни зголемувања беше со цел да се зголемат минималните пензии што беа многу ниски и засега нема најава дека ќе има ново такво зголемување надвор од законското решение.
Според законот, пак, сите видови пензии, на 1 септември и на 1 март се усогласуваат со растот на трошоците за живот и со растот на просечната плата. Така се добива процент на раст на пензиите пресметан како збир од 50 проценти на порастот на индексот на трошоците на живот и 50 проценти на порастот на просечно исплатената плата во првото полугодие од годинава во однос на ланското прво полугодие.
Според формулата, „Слободен печат“ пресмета дека законското усогласување на пензиите ќе биде речиси 6 проценти. Имено, инфлацијата во периодот од јануари до јуни во однос на истиот период лани е 4,1 процент, а растот на платите е 7,6 проценти. По половина од двата процента, математиката го открива новиот процент за зголемување на пензиите од 5,85 проценти.
Според последните податоци, а кои се однесуваат на јуни, просечната пензија во државава била 29.692 денари, а со новото усогласување ќе има раст од 1.737 денари.
Извор: Слободен печат

