Нов голем пожар изби во Македонија

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информираше дека денеска избил пожар во Општина Градско, а поради неговото ширење пренасочени биле и ер-тракторите од Китка.

„Пред околу 11 часот изби тежок пожар на територијата на општина Градско, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево.

Пожарот најверојатно е започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот којшто овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села. ​Ми се јави итно градоначалникот на општина Градско, бараше итна помош, рече Ангелов.

Тој вели дека итно биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но не биле доволни да се сопре огнената стихија којашто се движела со голема брзина, поради што ги пренасочил ер-тракторите коишто од рано утрово дејствувале на големиот пожар на планината Китка.

„Ги пренасочив овде, помогнаа за почетно фаќање контрола врз овој пожар, а веднаш потоа продолжи со дејство и полицискиот хеликоптер. ​Голема благодарност и до локалното население коешто со трактори излезе да заора, да направи противпожарни пресеки и со тоа да го пресече овој пожар. Се надевам дека набргу истиот ќе биде целосно изгаснат, истакна Ангелов.