Тешка сообраќајна несреќа – три лица пренесени во болница

Тројца полициски службеници се повредени во сообраќајна несреќа што се случила на булеварот „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Од МВР информираат дека несреќата била пријавена на 3 септември околу 13:00 часот, а во неа учествувале патничко возило „МГ“, управувано од 29-годишниот М.М. од Кичево, и патничко возило „шкода“ во сопственост на МВР, управувано од 31-годишниот Н.Ѓ. од Скопје.

Во сообраќајката со телесни повреди се здобиле возачот на службената „шкода“ и неговите сопатници, 35-годишниот Т.Џ. од скопското село Батинци и 35-годишниот П.Т. од Скопје. Сите тројца се полициски службеници, а повредите им биле констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје.