Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против 63-годишен жител на градот, директор на ЈЗУ Здравствен дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, во текот на 2025 година, како директор на здравствената установа, тој не постапил согласно Законот за користење и располагање со стварите во државна и општинска сопственост.
Како што информира МВР, без да спроведе соодветна постапка и без да обезбеди потребна согласност од Владата, тој отуѓил движни ствари за кои немало соодветни податоци за видот и количината, во вкупна вредност од 75.000 денари.
Со тоа, според наводите во пријавата, на трети лица им било овозможено да се стекнат со противправна имотна корист, додека на Министерството за здравство му била нанесена материјална штета во истиот износ.
За случајот е поднесена кривична пријава, а понатамошната постапка ќе ја водат надлежните институции.

