Трагедија во соседството: Млад фудбалер почина по страшна несреќа на натпревар

Голема трагедија ја потресе фудбалската јавност во Грција, откако 16-годишниот фудбалер Аслан Џана почина како последица на тешката повреда што ја здобил за време на натпревар на островот Тасос.

Младиот фудбалер настапувал за резервниот тим на Виронас од Кавала на натпревар против Ајантас Панагијас Прину. Несреќата се случила уште во втората минута од натпреварот.

При борба за топката, 16-годишникот излегол надвор од теренот и со задниот дел од главата силно удрил во ѕидот на трибината. Веднаш изгубил свест, по што медицинската екипа му укажала прва помош, а натпреварот бил прекинат.

Фудбалерот најпрво бил пренесен во здравствениот центар во Принос, а потоа во Општата болница во Кавала, каде бил сместен на интензивна нега. Неговата состојба од самиот почеток била исклучително тешка.

И покрај напорите на лекарите, момчето починало во вторникот наутро, два дена по несреќата.

Од клубот Виронас Кавала со емотивна порака се простија од својот млад фудбалер, наведувајќи дека целото спортско семејство на клубот е во неизмерна тага.

„Виронас Кавала тагува, изгубивме дете. Среќен пат, момче наше, засекогаш ќе живееш во нашите срца“, порачаа од клубот.

Трагичната смрт на 16-годишниот Аслан предизвика голема тага во Кавала и пошироката грчка фудбалска јавност.