Уживајте во сонцето уште малку: Метеоролозите најавуваат пресврт на времето

Стабилното и релативно топло време, во кое уживаме на почетокот од неделава, ќе продолжи сè до четврток, за кога метеоролозите најавуваат промена на временската состојба.

Бран од облаци и услови за врнежи од дожд се очекуваат веќе од петок, а нестабилното време ќе се задржи и во текот на целиот викенд. Според метеоролошките прогнози, врнежите на места ќе бидат пообилни, со посебен акцент на западните делови од земјата.

Локално се очекуваат и поројни дождови, проследени со ретки грмежи. Иако интензитетот на врнежите нема да биде ист во сите региони, временската слика за викендот драстично ќе се разликува од онаа во првите денови од неделата.

Завршницата на неделата носи и промена на струењето на воздухот. Во недела ќе започне да дува умерен до засилен северен ветер, кој ќе предизвика осетен пад на температурите и значително посвежо време.

По краткиот период на сончево и топло време, втората половина од неделава дефинитивно влегува во знак на есента — со облаци, дожд и постапно заладување.