Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Преподобен Харитон Исповедник – еден од најголемите светители од првите векови на христијанството, од самите негови почетоци, познат по својата непоколеблива вера, мачеништво и духовно наследство.
Свети Харитон бил угледен и благочестив граѓанин на градот Иконија. Задоен со духот и верата на својата сограѓанка, света Текла, тој јавно и без страв го исповедал името Христово.
За време на страшното гонење на христијаните под царот Аврелијан, Харитон веднаш бил изведен пред судот. Кога судијата му наредил да им се поклони на идолите, светителот одлучно одговорил:
„Сите ваши богови се бесови, коишто заради гордоста се струполени во најкрајната темнина!“
Тој јасно ја објавил својата вера во Единиот жив Бог, Создателот на сè, и Спасителот Исус Христос. Но поради неговата вера бил подложен на сурови мачења – неговото тело било толку биено и измачувано што целото било покриено со рани. По смртта на мачителот Аврелијан, Харитон бил ослободен од затворот.
Основач на првите манастирски братства
По ослободувањето, свети Харитон се упатил кон Ерусалим. На патот го заробиле разбојници, но по Божја Промисла успеал да се спаси. Наместо да се врати во родната Иконија, тој се повлекол во Фаранската пустина, каде што основал манастирска обител и собрал голем број монаси.
За да ги избегне човечките пофалби, подоцна се оддалечил во пустината кон Ерихон, каде што ја основал втората обител (наречена Харитонова), а потоа и третата – Сукиска обител или на грчки Стара Лавра.
Свети Харитон се упокоил во длабока старост на 28 септември (по стар стил) 350 година, а неговите свети мошти и денес почиваат во неговата прва обител. На свети Харитон му се припишува и составувањето на чинот за монашки потстриг.
Тропар на Преподобен Харитон Исповедник
Пустината во срцата на твоите ученици процвета, о, свети мачениче Харитоне, исповедниче на живата вера во Христа Бога, Спасителот по твоите молитви вода жива за нас постана, застапи се о, ти цвету пустински миомирисен, мирот Христов во тебе, да се слее во нашите души.

