Поранешен градоначалник на СДСМ: Подготвен сум да ја преземам партијата

Екс градоначалникот на малата општина Лозово на социјалните мрежи објави дека сака да ја преземе партијата на Бихаќка.

„ До кога ќе молчиме? До кога ќе се правиме дека сè е во ред, додека луѓето што со години ја градеа оваа партија ја губат вербата, достоинството и надежта? До кога ќе гледаме како се распаѓа нешто за што генерации наши членови се бореа со срце, со идеали и со огромни лични жртви?

СДСМ не е ничија приватна сопственост. СДСМ е идеја, историја, вредност и дом на илјадници луѓе кои верувале дека оваа партија може да донесе подобра иднина за Македонија.

А денес, наместо надеж, меѓу многу наши членови има разочарување. Наместо единство — поделби. Наместо јасна визија — неизвесност. Наместо одговорност — премолчување.

И за тоа мора да има одговорност!

Ако и по сите порази, предупредувања и разочарувања не сме подготвени искрено да се погледнеме во очи и да признаеме дека нешто сериозно не функционира, тогаш проблемот е многу подлабок од еден изборен резултат.“ – пишува тој на социјалните мрежи.

Во текстот кој доаѓа на еден ден по вонредните избори во Брвеница, Велковски вели дека е подготвен да ја поведе партијата кон како што вели, нови успеси

„ Јас не сакам да бидам дел од распадот на СДСМ. Сакам да бидам дел од неговото повторно раѓање!

И затоа денес отворено го кажувам она во што верувам: подготвен сум да преземам одговорност, да ја обединам партијата и да работам на создавање нова, силна и организирана социјалдемократска сила.

Сакам и можам да ги спојам луѓето што се разочарани, оние што се чувствуваат отфрлени, оние што се повлекоа во тишина, но и оние што никогаш не престанаа да веруваат во идеалите на СДСМ.

Не ветувам чуда. Ветувам работа, искреност, отчетност и борба за секој член, за секоја општинска организација и за секој граѓанин што очекува од нас да бидеме вистинска алтернатива.“ – пишува Велковски.