Здравствениот систем е засилен со 100 нови амбулантни возила кои треба да обезбедат побрза и попрецизна медицинска интервенција на терен, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски при промоцијата на новата опрема.
Во своето обраќање, премиерот нагласи дека Владата постапно ги санира децениските задоцнувања и дефекти во повеќе државни сектори.
„Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени, но она коешто е задача на оваа Влада е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање, не е сè решено со овие 100 возила, се разбира можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сè решено“, изјави Мицкоски.
Тој направи преглед на досега набавените возила во јавниот сектор, најавувајќи и нов контингент за јавниот превоз.
„Овие 27-28 месеци, покрај нови 120 нови возила, коишто Министерството за внатрешни работи ги обезбеди после децениска негрижа таму, после оние стотина возила коишто ги доби „Пошта“, после оние 53 возила коишто се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметта, дојде редот и на овие 100 возила амбулантни, а многу скоро од денеска ќе имаме и нови 150 електрични автобуси коишто исто така ќе бидат распределени низ градовите во Македонија“, рече премиерот.
Во делот на крупните капитални инвестиции во здравството, Мицкоски соопшти дека се финализираат преговорите со Светска банка и Европската инвестициска банка за финансирање на повеќе клинички болници.
„Очекувам според последната мисија на Светска банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде се како што треба, веднаш потоа да биде објавен и тендерот, и ако биде се како што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година“, изјави тој.
Тој појасни дека конкретно за Клиничката болница во Штип се планира современа опрема.
„Ние сме фокусирани при рестартирањето конкретно на проектот на клиничката болница во Штип за технологија којашто ќе биде апликативна во 2035-2040-тата година. Така што сето ова бара една правилна антиципација, работа со нашите стратешки партнери и ценам дека успеавме да дојдеме до некое решение коешто ќе значи додадена вредност во македонското здравство“, нагласи Мицкоски.
За новиот Клинички центар во Скопје, премиерот откри дека се разгледуваат две локации во близина на болницата „8 Септември“, каде што во соработка со Општина Карпош ќе се обезбедуваат и нови паркинг места.
„Битно е дека имаме 100 нови амбулантни возила, нешто што би рекол одамна не е направено за здравствениот систем во Македонија и се надевам за нови 50, Сашо нели за тоа што зборувавме, ако биде се како што треба, би требало уште нови 50 да добиеме, веќе следната година“, заклучи премиерот.
„Нека ни е со среќа и аирлија нека е“, посочи Мицкоски.

