Aлта Банка АД Битола со важно известување до клиентите

АЛТА банка АД Битола ја информираше јавноста дека е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење, по најновите случувања поврзани со АЛТА банка во Република Србија.

Од Банката посочуваат дека АЛТА банка АД Битола е самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка.

„Сите експозитури и банкомати функционираат нормално, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење“, наведуваат од Банката.

Оттаму нагласуваат дека настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола.

Дополнително, посочуваат дека околностите во Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија и дека банката не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во соседната земја.

Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и утврдените лимити.

„Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење“, порачуваат од АЛТА банка АД Битола.